Шанса за Центар: Градот не може и не смее да се покрие целосно со асфалт!

Ако продолжиме да го покриваме целиот град со асфалт и бетон, Скопје ќе стане само голем жежок топлотен остров во кој условите за живот ќе бидат уште полоши од сегашните. Градот не може и не смее да се покрие целосно со асфалт! - велат од иницијативата Шанса за Центар. 

Оттаму појаснуваат дека сите анализи кои ги направи самиот Град Скопје во соработка со меѓународни организации во рамки на проектот „Отпорно Скопје“ укажуваат дека досегашната прекумерна и непланска замена на природните и зелените површини со бетон и асфалт создаде локации во градот на кои температурата достигнува и до над 60 целзиусови степени во лето.

- Дополнително, научно е докажано дека овие материјали не пропуштаат вода со што се намалува пропусноста на почвата, се намалуваат подземните води, а градските улици се претвораат во површини на кои водата се собира и тече како по корита на реки со што се зголемува опасноста од поплавување. Затоа сметаме дека е недозволиво од страна на Градот да се асфалтираат пешачки патеки во Градски парк, ниту да се става асфалт на површини покрај реката Вардар кои и досега беа уредени со камен и калдрма што пак овозможува водата да не се задржува на патеката туку да се впива во земјата, велат од Шанса за Центар. 

 -Покривањето на патеките во паркот со тартан ги прави овие површини уште понепропустливи. Сите сме сведоци на влошувањето на животот од прекумерната градба во Скопје која трае веќе децении. Затоа, површините како Градски парк или Урбан парк во Центар на кој исто така му се заканува опасност дека неговите големи децениски стари дрвја ќе бидат исечени, и ќе бидат заменети со жардињери и украсна вегетација, мора да бидат сочувани со целото нивно природно богатство. Уништувањето на овие паркови е спротивно на зелената агенда на Европската Унија и климатските цели на Обединетите Нации и спротивно на сите стручни проекции за тоа како треба да се подготвиме за нашите градови да бидат поотпорни на претстојните климатски промени!, се вели во нивното соопштение до јавноста. 

Од иницијативата упатија апел до Градот и Општина Центар да преземат мерки да ги заштитат овие паркови наместо само немо да гледаат или да преземаат чекори со кои се уништуваат последните поголеми зелени површини!