
Од Шанса за Центар денеска споделија две фотографии, за кои велат дека се две од многуте градилишта во Општина Центар и за кои велат дека претставуваат сериозна опасност по безбедноста на граѓаните, особено на децата.
„Во срцето на Општина Центар, на сликите се две од многуте градилишта. Едното во близина на Песталоци и претставуваат сериозна опасност за безбедноста на граѓаните, особено на децата. Од незаштитените градилишта секојдневно се шири прашина и кога има ветер летаат и градежни материјали, а едното дури и нема поставена заштитна ограда. Таквата состојба не само што го загрозува здравјето на жителите, туку претставува и директна опасност, особено за децата кои може од љубопитност да се приближат или да влезат во незаштитен простор“, велат од Шанса за Центар во објавата на Фејсбук.
Како што велат од таму, според Законот за градење, секој инвеститор и изведувач уште при поднесување на барањето за градежна дозвола е должен да изработи проект за уредување и обезбедување на градилиште.

Тој проект мора да предвиди: оградување и контролиран пристап, заштитни мрежи и мерки за спречување ширење прашина и отпад, локации за безбедно складирање материјали и мерки за заштита на животната средина и пешаците.
„Овие мерки не се препорака — тие се законска обврска. Со нивното непочитување не се прекршува само пропис, туку се загрозува здравјето и безбедноста на сите нас. Затоа се прашуваме — кога досегашната власт во Општина Центар не ги дисциплинираше градилиштата и дозволи ваква небезбедна состојба, дали навистина можеме да веруваме дека сега ќе го направи тоа, прашуваат од Шанса за Центар.
Тие посочија дека безбедноста на граѓаните не смее да биде оставена на случајност.