
Советничката група „Шанса за Центар“ остро реагира по усвојувањето на нацрт-Деталниот урбанистички план (ДУП) за населбата Барутана на Водно, обвинувајќи го градоначалникот Горан Герасимовски и мнозинството во Советот дека поддржале план кој, според нив, не е усогласен со Генералниот урбанистички план на Град Скопје и отвора сериозни безбедносни и еколошки прашања.
Според нивните тврдења, нацрт-планот е донесен без мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, иако станува збор за подрачје кое е изложено на ризик од ерозија. Дополнително, велат дека во документацијата не се предвидени конкретни мерки за заштита на теренот од можни свлечишта и ерозивни процеси.
Од „Шанса за Центар“ посочуваат дека планот, покрај постојните 15 објекти, предвидува изградба на уште 25 нови објекти, при што секој од нив би можел да содржи до четири станбени единици, што значително би го зголемило бројот на жители и возила во овој дел од Водно.
Според нив, реализацијата на ваквиот план ќе бара пробивање нов пристапен пат низ шумски појас, сечење на повеќедецениска шума и преместување на магистрален водовод, а трошоците за овие инфраструктурни зафати, како што тврдат, би ги сносела Општина Центар преку средствата собрани од комуналии.
„Шанса за Центар“ наведува дека сите овие забелешки биле изнесени на седницата на Советот пред гласањето за нацрт-планот, но, според нив, мнозинството сепак го поддржало документот.
Советничката и архитект Билјана Филиповска Тодорчевска на седницата детално ги образложи забелешките и ризиците кои, според неа, произлегуваат од предложениот урбанистички план.