Шахпаска: Со изградба на нов Центар за деца со посебни потреби во Железара покажуваме грижа за најранливите

Министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски денеска присуствуваа на почетокот на изградба на Дневен центар за деца со посебни потреби и Центар за сензорна интеграција во населбата Железара.

Двата центри ќе се протегаат на површина околу 450 метри квадратни, а во план е и изградба на инклузивен парк со реквизити и паркинг простор приспособен за корисниците. Изградбата на овие објекти чини над 22 милиони денари, средства издвоени од Општина Гази Баба. Се очекува тие да бидат готови за околу 100 дена.

Министерката за труд и социјална политика истакна дека соработката со Општина Гази Баба и изградбата на овие центри говори за партнерскиот пристап меѓу централната и локалната власт во решавање проблемите и имплементација на социјалната реформа.

– Навистина е задоволство кога доаѓате на изградба на приказна којашто ветува. Грижата за најранливата категорија на граѓани, секако, претставува врвен приоритет на Министерството за труд и социјална политика. Процесот на деинстутионализација продолжува. Граѓаните, лицата, корисниците во институциите ги вадиме и ги сместуваме во мали групни домови во згрижувачки семејства, со цел да им се овозможи атмосфера која е најблиска до семејната. Дополнително ги децентрализираме, ги спуштаме услугите на локално ниво во заедницата. Дневните центри се моделот како треба да се грижиме за лицата со посебни потреби, изјави Шахпаска.

Таа информира дека во државата вкупно има 34 дневни центри со 460 корисници. Се прават осум нови центри низ дражавата, а центарот што денеска почна да се гради во Железара ќе го користат 12 лица.

Градоначалникот Георгиевски информира дека новиот Дневен центар за деца со посебни потреби ќе работи како регионален центар за згрижување на деца од целиот град со поддршка на општините Илинден, Бутел и Гази Баба.

– Центарот за сензорна интеграција е наменет за деца со посебни образовни потреби од детските градинки и основните училишта во општина Гази Баба, изјави Георгиевски.

Тој истакна дека денеска со министерката Шахпаска извршиле увид во реконструкција на кујната на градинката „Детска радост“, во објектот „Калинка“. Реконструкцијата на кујната чини, девет милиони денари, шест за градежните работи и три за нова опрема, а Георгиевски најави изградба и на нова градинка во населбата Керамидница.

– Голема е поддршката која ја добиваме од Владата и Министерството за труд и социјална политика, затоа и продолжуваме заедно со нив,  рече Георгиевски.