Хрватската музичка ѕвезда Северина викендов настапи во Велес пред повеќе од 20.000 посетители, во рамки на традиционалната манифестација „Питијада“, која оваа година се одржува по 19-ти пат.

Нејзиниот настап предизвика огромен интерес кај публиката – во Велес пристигнаа посетители од околните градови, но и од други делови на Македонија. Планираниот простор пред сцената беше претесен за сите кои сакаа да ја слушнат и видат Северина, а атмосферата беше исполнета со еуфорија, пеење и аплаузи.
Еден од најемотивните моменти на вечерта беше кога пејачката на сцената доби македонско знаме, кое со гордост го стави на грбот и им се обрати на присутните со зборовите:
„Моето срце е врзано за Македонија и голема чест ми беше ова знаме, кое ми го врачивте, да го носам на грбот... Чувајте ја Македонија!“
Оваа нејзина порака предизвика бурни реакции и во јавноста и на социјалните мрежи, каде следеа стотици коментари од поддршка и восхит:
„Браво, Македонија и Македонците заслужуваат само најдобро, а тоа им го дава Северина – срцено и расплесано.“
„Посебна е таа земја и нејзините дивни луѓе.“
Преубава забава и вечер за паметење. Ти благодариме за секоја песна и убава мисла. Македонија вечна!“

Со оваа емотивна порака и настапот исполнет со енергија и блискост со публиката, Северина уште еднаш ја потврди својата поврзаност со македонската сцена и љубовта што македонската публика ја чувствува кон неа.