Сеуште не е откриена причината зошто Александар Велески не бил пуштен да се вози со неговото куче— придружник во ЈСП

На социјалните мрежи се појави информација дека на момче кое било со куче-придружник, не му било дозволено да влезе во автобус на ЈСП, иако пред неколку дена од претпријатието соопштија дека како општествено одговорна компанија, ќе им го овозможат тоа на нашите сограѓани.

Александар Велески, кој боледува од церебрална парализа, не бил пуштен да се вози со неговото куче – придружник Бен во автобус на ЈСП.

ЈСП Скопје, испратија соопштение дека очекуваат одговор од лицето за расветлување на случајот.

-Ве информираме дека ЈСП Скопје преку социјалните медиуми дозна за случајот со Александар и неговото куче придружник, кој преку „фејсбук“ информираше дека не му бил дозволен влез во автобус и покрај неодамнешната одлука на раководството за слободен пристап/влез на кучињата придружници на лицата со инвалидитет.

Веднаш преку порака го исконтактиравме Александар да ни објасни за случката, но, се уште ни нема одговорено.

Во меѓувреме, телефонски стапивме во контакт и со неговиот татко кој немаше никаква информација за настанот. Поради работни обврски, ни рече дека ќе не исконтактира.

Што точно се случило, истражуваме и преку нашата внатрешна контрола.

Доколку се потврди дека возачот не го пуштил Александар со Бен да влезе во автобус, од нему познати причини, ќе биде соодветно санкциониран, пишува во соопштението на ЈСП.