Серија презентации на КСП Центар-Јадро за македонски визуелни уметници

КСП Центар-Јадро вечер од 20 часот во кафе-книжарница „Буква“ ќе почне серија презентации посветени на македонските визуелни уметници. Ќе бидат организирани 10 предавања/презентации на кои уметниците ќе направат преглед на своето творештво или ќе претстават избор од своите најрепрезентативни проекти.

Избрани се 10 уметници од различни генерации кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои организаторот смета дека со своите дела, темите кои ги обработуваат и авторскиот се релевантни до денес. Разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор Владимир Јанчевски.

Серијата презентации ќе почне со избор на впечатливите дела на Игор Тошевски, создавани во последните три децении, во време на сложен развој на настаните по падот на Берлинскиот ѕид и распадот на Југославија.

– Преку својата уметничка активност која опфаќа различни медиуми и впечатлив суптилен ангажман, Тошевски на специфичен начин ги преиспитува улогата на уметноста во социополитичкиот контекст, нивната нераскинлива врска и можностите преку симболичкиот простор да се дејствува врз општествената реалност. Меѓу делата кои го одбележаа не само творештвото на Тошевски, туку и станаа амблематични за придонесот на локалната и регионална уметничка сцена, неодминливи се инсталацијата „Досие ‘96“, потоа серијата интервенции насловени „Слободни територии“, како и реконтекстуализираните инсталации започнати со самостојното претставување во МСУ-Скопје во 2012 година, соопшти КСП Центар-Јадро.

Наведува дека ја организира серијата презентации зашто во текот на последните години недостига континуитет или структурирана историографија што ја следи и третира македонската визуелна сцена.

-Многу наши уметници имаат богата продукција и под многу тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот. За жал, поради системското занемарување на институциите и медиумите, нивните дела и успеси не се доволно презентирани пред пошироката јавност. Оттаму, сметавме дека преку овие презентации и разговори во живо со истакнати автори ќе успееме во поголема промоција, како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставување континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена, посочува КСП Центар-Јадро.