Откако пред еден месец Сергеј Самсоненко ја шокираше јавноста дека се повлекува од сите три клуба кои ги финансира, вчера изјави дека се пишмани и дека останува и во добро и во зло.
Самсоненко на 11 август се обрати со соопштение дека е длабоко вознемирен од сето она што го прочитал во медиумите и на социјалните мрежи за него и дека се повлекува комплетно од Вардар, но денеска најави дека се предомислува. Изјава која беше проследена со аплауз во прес центар на ФК Вардар.
„Ми се собра до срце, па со жешка глава кажав дека заминувам. Не сакав да си одам од Вардар и сакам да им порачам на сите добри луѓе да не верувате во невистините кои ги пишуваат за мене. На тие што пишуваат, сакам да им порачам дека немаат ни срам ни совест. Вас ве сметам за предавници зошто не сум направил ништо лошо за оваа држава, која ја засакав како своја и направив само добри работи. Тоа што го направивте е дно“.
„Јас не сакав да заминам и нема да заминам од Вардар. Ќе останам и во добро и во лошо, ќе дадам сè од себе и ќе помогнам на сите клубови“, додаде Самсоненко.