Серава во Бутел 1 добива нов лик: Пешачка патека од 1.590 метри и ново уредување

По повеќе од две децении, коритото на реката Серава во Бутел 1 се уредува, а проектот влегува во завршна фаза, соопшти градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Во рамки на проектот се гради нова пешачка патека во должина од 1.590 метри, со која, како што е најавено, ќе се создаде безбеден и уреден простор за прошетка, рекреација и дружење.

Просторот ќе биде дополнително опремен со современо ЛЕД осветлување, клупи, урбана опрема и зеленило, а предвидена е и изградба на нови детски игралишта.

Од Општина Бутел велат дека со реализацијата на проектот, просторот покрај Серава треба да стане ново место за престој и рекреација на жителите, особено за семејствата и децата.

„Нашиот народ предолго слушаше ветувања. Време е да гледа дела“, порача Ѓорѓиевски.