Сер Алекс Фергусон и Сер Боби Чарлтон доаѓаат во Скопје

Најголемиот тренер во историјата на Манчестер јунајтед, Сер Алекс Фергусон и легендата на англискиот клуб Сер Боби Чарлтон ќе бидат дел од гостите на Арената „Филип Втори“ во Скопје за време на Суперкупот, објави порталот МКД.мк.

На 8. август Скопје ќе биде домаќин на најатрактивниот Суперкуп на УЕФА досега, на „Филип Втори“ Арената ќе истрчаат ѕвездите на Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.
 
Покрај ѕвездените актери на теренот вклучувајќи ги и тренерите Жозе Мурињо и Зинедин Зидан, во Скопје ќе присуствуваат и големи легенди на светскиот фудбал.
 
Најдобриот тренер во историјата на Манчестер јунајтед, големиот Сер Алекс Фергусон кој цели 27 години седеше на клупата на „црвените ѓаволи“ ќе биде еден од гостите кои ќе седат во ложата на „Филип Втори“ Арената.
 
До него ќе биде и легендата на англискиот фудбал и човекот кој речиси целата фудбалска кариера ја помина во Манчестер јунајтед, Сер Боби Чарлтон.
 
Покрај овие двајца големци на Манчестер јунајтед, се очекуваат уште многу фудбалски легенди и високи гости во ложата на „Филип Втори“ Арената.
 
За време на Суперкупот во Скопје се очекуваат повеќе од 20.000 странски навивачи. Тоа ќе биде најголемиот настан кој досега се случил во Македонија.
 
Очите на целиот свет ќе бидат свртени кон Скопје, речиси ќе нема парче на земјината топка каде нема да има пренос од натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.