Сеопфатна обнова и модернизација на сите основни училишта во Кисела Вода

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска во објава на социјалните мрежи сподели дека со сеопфатна обнова и модернизација на сите основни училишта, континуирано вложуваат во децата.

Таа во објавата на Фејсбук ги наведе општинските училишта и што добиле тие во изминатиот период, односно какви активности во моментот се извршуваат за обезбедување на поквалитетни услови за настава.

Во ООУ „Невена Георгиева - Дуња“ посочи дека во тек е голема доградба на објектот со нови училници и санитарни јазли, а училиштето го опремиле и со десетици нови компјутери, лаптопи и интерактивни панели.

-ООУ „Партенија Зографски“: Направивме темелна реконструкција на санитарните јазли, ново осветлување, нова интернет мрежа, целосно опремивме кабинети со нов мебел и ИТ опрема, а дворот доби ново хортикултурно уредување со над 150 садници.

ООУ „Круме Кепески“: Во централното училиште реновираме спортска сала и соблекувални, обновена е трпезаријата, поставено е ново осветлување и потпишан е договор за доградба на 6 нови училници. Во подрачното училиште отворивме целосно нова и опремена ресурсна соба.

ООУ „Кузман Јосифовски - Питу“: Во тек е изградба на нова спортска сала. Извршивме и реконструкција на електричната инсталација,а значително го збогативме и фондот на ИТ опрема.

ООУ „Кирил Пејчиновиќ“: Го решивме долгогодишниот проблем со задржување на водата со поставување павер елементи на влезот. Внатрешноста ја освеживме со реновирани училници, лед-осветлување и нови компјутери и телевизори.

ООУ „Кузман Шапкарев“: Поставена е нова енергетски ефикасна влезна врата и хидрантска мрежа за поголема безбедност, а во тек е и темелна реконструкција на спортската сала.

ООУ „Св. Климент Охридски“: Изградивме нови бетонирани и бехатон патеки низ дворот, поставивме ново осветлување и набавивме нови смарт табли.

ООУ „Рајко Жинзифов“: Набавена е неопходна компјутерска опрема, нови спортски реквизити за фискултурната сала, како и специјализирани алати за тековно одржување на зеленилото во дворот - истакна градоначалничката.

Воедно, Стаменкоска Трајкоска нагласи дека овие реконструкции и проекти кои ги спроведуваат дел самостојно, а дел со, како што вели, силна поддршка од Владата и министерствата, биле вистински одраз на нивната посветеност кон создавање функционална образовна инфраструктура.

„Нашата обврска кон најмладите е да им обезбедиме простор каде безбедно ќе учат и ќе ги остваруваат своите потенцијали. Инвестицијата во современи училишта е директна инвестиција во иднината на нашата општина“, порача таа.