Големо изненадување на првиот меч од финалниот турнир во Лигата на шампионите во Келн, Нант успеа да го порази ПСЖ и за ракометниот свет можеби и шокантно, да биде првиот финалист во Лигата на шампионите. Нант победи со конечни 32:28.

Убедливо најбогатиот ракометен колектив во светот, тимот со најмногу ѕвезди, како што се браќата Карабатиќ, Сагосен, Омејер, Хансен, Генсхајмер и многу многу други, сепак беше преслаб за тимот на нашиот Кире Лазаров.

Освен почетното водство на ПСЖ, во текот на целиот меч подобар и поконретен беше Нант, тие на полувремето заминаа со предност од 3 разлика, 17:14, иако во еден наврат отидоа и на пет разлика.

Во второто полувреме кое имаше доста интересен финиш, сепак подобар беше Нант, кој на крајот победи со 32:28.

Најдобар стрелец во тимот на Нант беше нашиот Кире Лазаров, кој заедно со пикерот Турна имаа по осум голови, нашиот капитен седум од нив ги даде од пенал, а покрај сите играчи на Нант кои изиграа одличен натпревар, заедно со Лазаров и Турна најзаслужен за победата беше голманот Сирил Думулан.

Инаку, со головите денеска Лазаров стана најдобриот стрелец во историјата на Ф-4 турнирите.