Семејство од Скопје со пет деца: Се е убаво и исполнето, децата се богатство, тие се живот

Семејството Стошевски од Скопје се состои од 7 членови. Мајка и татко и пет деца. Најголемото Милан има 18 години. Марија има 15, Моника има 10, Марио има 8 и Мила има 4 години. Сите се на буквата М. Мирјана и Миле се имињата на родителите.

-Понекогаш соседите се шегуваат, секако позитивно, на наша сметка, не нарекуваат семејството “седум М”, вели мајката Мирјана.

Мирјана работи како медицинска сестра, а Миле вози камион низ Европа. Миле пред да се одлучи за оваа професија, работел како столар во Скопје, но се откажал и се префрлил во нова струка, бидејќи таму, како што вели има повеќе финансии.

-Уште додека бевме во врска, како дечко и девојка, ние си викавме дека сакаме повеќе деца. Но, не пет. Мислевме да одиме до три. Уште како мала, себе си, се замислував со повеќе деца околу мене. Еве ми се исполни сонот. Денеска имаме пет дечиња. Не знаете колку среќа има во нашиот дом. Милан е најголем. Најмала е Мила. Сите се различни. Тешко е, не велам не. Тешко е само финансиски. Да имаш пет деца, а особено и сега кога Милан уште малку завршува средно. Мора да се школува. И не само тој, туку сите други. Миле работеше тука. Но, како растеа децата, секој ден сфаќавме дека мора да дојдеме до повеќе финансии. Тој положи за камион и сега вози во Европа. Јас работам како медицинска сестра. После работа правам колачи, торти, кифлички, по нарачка. Сега за сега е добро, не се жалиме. Најубаво е кога ќе си седнеме сите на маса. Исполнето се чувствувам, кога ќе ги гледам, кога им се восхитувам на секој нивен успех, на секој нивен чекор понапред во животот, раскажува Мирјана.

-Многу ми е убаво што сме повеќе деца. Секогаш си имаш дома друштво. Никогаш дома не е здодевно. Ги имаш оние вистински другари, кои секогаш ќе бидат тука за тебе и ти за нив, вели ќерката Марија.

Имало моменти и кога им било тешко, но Мирјана вели дека никогаш не се предавале. Секогаш оделе напред, се труделе, работеле.

-Ќе ги изведам децата на прав пат. Ќе сторам се за нив. Ќе се гордеам со нив уште многу, вели таа. Не се оставајте со едно или две деца. Децата се богатство, додава Мирјана.