Семејните прослави се единственото место каде се сретнувам со своите роднини

Правејќи го списокот за тоа кого да поканам на свадба дома сфатив дека дел од роднините ги немам видено и слушнато со години. Жално е, и тежно, се сеќавам на времето кога моите тетки, вујковци заедно со своите деца доаѓаа на гости игравме се смеевме, правевме заедно зимници, се помагаше на слави, денес скоро и ги заборавив...ако не беше свадбава повод за веселба немаше ни да ги видма, вели Петар од Лисиче.

Живееме еден брз и динамичен живот. Дома и работа. Тоа се тие места, тоа е таа релација каде се движиме. Забораваме на луѓето околу нас, пријателите, роднините. Забораваме на опуштањето, на дружењето, на забавата... Дали навистина немаме време?

-Имам голема фамилија од страната на двајцата родители. Со роднините од на мајка ми страната си живеам многу добро и сме во контакт. Братучедите ги сметам како браќа и сестри, со кои го поминав моето детство. Тетка ми е мојата втора мајка, а вујковците си ги сакам како и мојот татко. Иако сум многу време одалечена од нив,  контактот сеуште го одржувам, вели Митко од Карпош.

-Голема  фамилија сме, така што пола од братучедиве не ги познавам, се случува во чаршија да дојдат и да ми речат еј знаеш јас сум ти братучед/ка. Некако немајќи време повеќе ни на гости не ни доаѓаат роднините. Последен пат првиот братучед кој живее три станици подолу од нас го имама видено пред една година, на роденден кај мојата мајка, вели Величе од Радишани.

-На жалост само прославите се место каде сите заедно се собираме и гледаме. Кога ќе се собереме заеднички се смееме на роднините кои не ги сакаме, на братучедите кои се различни од нас, на тетките со чудни фризури и си создаваме заеднички интерни шеги за сите роднини. Додека се што се случува за другите е драма, за нас тоа е комедија, раскажува Билјана од Железара.

-Тешко и слабо. Не сме имале некоја дружаба. Не дека не ми е криво, ама отсекогаш било така. И тоа искрено, причината уште ми е непозната. Никогаш нити имало таква атмосфера меѓу нас, а сега пак уште помалку, како што си врви времето и како што се помалку го имаме, вели Милица од Црниче.

-Јас имам прилично голема фамилија. Е сега први братучеди само четворица, сите си ги сакам, ама еден ми е најблизок, со него буквално цело живот го поминав и ми е како брат. И интересно е што третите братучеди ми се поблиски од вторите, што не ги ни знам. Али тоа е, кој како си ја наредил. И со нивните родители исто сме многу блиски... Исто така имам многу роднини што се надвор од земјава и со нив најчесто преку вибер или мејлови си комуницирам..., обајснува Теодора од Козле.

- Си го славам роденденот секоја година тоа ми е како некоја традиција и токму на оваа веселба доаѓаат моите братучеди први и поблиските роднини...Музика, забава, сема со нив се си споделувам драги ми се и блиски, ова е можност и повод еднаш во годината да се собереме заедно, вели Драган од Ѓорче.