Семафори на пешачкиот премин во Ново Лисиче, каде што загина 61-годишна жена, а повредена беше нејзината тригодишна внука

На пешачкиот премин на булеварот Србија, во близина на полицијата, се поставуваат семафори. Преминот и тротоарот на булеварот се раскопани и во нив веќе се поставуваат кабли.

Семафори на овој пешачки премин побараа жителите на Аеродром бидејќи минатиот месец 61-годишна жена загина минувајќи го булеварот на пешачкиот премин заедно со тригодишната внука, која доби тешки телесни повреди.

„Господине Марин, пред 10-ина минути, на булеварот Србија, на пешачкиот премин пред полициската станица, беа собрани со брзината на светлината баба, дедо и нивното внуче. Детето беше под автомобилот и од таму го вадевме. Бабата повредена, ја реанимираа на самото место. Детето го однесоа со брзата помош веднаш по бабата. Дедото, во бесвест, со тупаници се удираше по главата и лелекаше. Ве молам, заземете се веднаш и поставете семафори на тој пешачки премин. Растојанието од едните до другите семафори е големо. Да се премине пешачкиот премин на тоа место е еднакво на добивка седмица на лото. Многу деца одат на училиште од другата страна на булеварот, кон Аеродром, и обратно. Се надевам дека сериозно ќе го разгледате овој предлог и ќе го ставите на листата со приоритети“, реагираа жителите на Аеродром.

Да се премине пешачкиот премин е еднакво на добивка седмица на лото, се жалат аеродромци

Од Општината велат дека побарале Град Скопје да најде решение за зголемување на безбедноста на овој пешачки премин, а тие одлучиле и веќе поставуваат пешачки семафор.

Пешачкиот премин ги поврзува Ново Лисиче и Аеродром. Води до Детската улица, во близина има училиште и градинка и жителите постојано се жалеа дека не може да го преминат булеварот оти автомобилите не застануваат на пешачкиот премин.