Селско месо – гастрономско уживање со добро црно вино

Состојки:

·  500 g пилешко филе
·  500 g јунешка кртина
·  500 g свински бут
·  2 главици кромид
·  2 дебели зелени пиперки
·  2 суви пиперки или 1 свежа црвена пиперка
·  2 моркови
·  Тегла маринирани шампињони
·  2 чешниња лук
·  3 домати
·  Магданос
·  Лажица сенф
·  Чаша бело вино
·  1-2 лажици брашно
·  Масло
·  Сол
·  Вода

Начин на подготовка:

Сите видови месо исечкајте ги на коцки, но не преситни. Кромидот исечете го на покрупни парчиња. Зелените пиперки исчистете ги од семките и исечете ги, доматите излупете ги и исечете ги на коцки, исто и морковот, а сувата пиперка исечете ја на покрупни парчиња. Шампињоните исцедете ги од теглата. Лукот и магданосот ситно исечкајте ги.

Во поголема тава на масло пропржете го секој вид на месо посебно, најпрво пилешкото, потоа свинското и на крај јунешкото (тоа се пржи малку подолго бидејќи содржи повеќе течности). На истите маснотии пропржете го и зеленчукот. Посолете и ставете црн бибер, а кога ќе биде готово ставете сенф и брашно. Добро измешајте и тргнете од оган.

Во длабок земјен сад (грне) на дното ставете малку масло, а потоа ставете ред зеленчук, ред месо и така сѐ додека не се потроши сѐ. На крај треба да биде слој од зеленчук. Залијте со чаша бело вино и вода околу 1 dl. Грнето поклопете и ставете јадењето да се пече на 200 степени околу час и половина.