Сексуалното образование влегува во училишните клупи - родителите со поделени мислења

Сексуалното образование ќе стане дел од наставната програма во основните училишта. Министерката за образование, Мила Царовска вели дека не може да има модерно и квалитетно образование без емоционален развој на секое дете кое завршува деветолетка. 

„Ова образование значи знаења за начините на заштита, однесувањето и предизвиците што ги носат пубертетот и развојот до адолесценција. Сексуално образование многу често е поставувано како нешто за што не треба да се зборува во училиште. Но, кога ќе го поедноставиме и ќе кажеме дека зборуваме за ненасилство, прифаќање на себеси и своето тело, градење релации со другите луѓе, создавање партнерски однос и за дискусија за своите емоции, тогаш сите велат ‘да, тоа е потребно‘“, вели министерката за образование и наука Мила Царовска.

Истражувањата покажуваат дека и родителите и наставниците и учениците имаат потреба од воведување на овие теми во формалното образование, затоа што не секое дете има можност дома да разговара за овие прашања и така неинформирани влегуваат во одредени односи, па често се повредувани, злоупотребувани и неприфатени од околината и себеси.

Реакциите во јавноста се поделени околу воведувањето на сексуалното образование во наставниот план. Додека едни го одобруваат, други коментираат дека се уште е рано за ваков проект, со оглед на тоа дека станува збор за табу-тема во државата. Статистиката пак покажува дека младите континуирано се соочуваат со неинформираност и недоволен пристап до релевантни информации за нивната сексуалност, здравје и благосостојба, што е причина за 19,5 абортуси на 100 раѓања, колку што се регистрирани минатата година. 

- Kај мене дома никогаш не се зборуваше на оваа тема,со мама бев блиска,ама за оваа тема не. Дознав за сексуалното образвание на училиште, доаѓаа ни држеа часови,како да се заштитуваме,и слично потоа интернет, тв, магазини и по форуми .Jас сум за да има сексулано образование по школиве.

- Да, навистина голем дел од младите се многу неинформирани во врска со сексот. Сум за сексуално образование баш заради оваа причина, иако мислам дека нема ништо срамно да се поразговара и со родителите на оваа тема. Под ова не подразбирам да се откриваат деталите од интимниот живот, туку да се добијат основните информации и совети во врска со сексот. Секако, тука е и интернетот, секој може да прочепка и да ги најде потребните информации.

- Јас како родител сум против овој предмет. Јас сум мајка и знам што треба дома да му објаснам на моето дете. Училиштето е за нешто друго, не за ова. За ова се родителите. Ние не сме имале ваков предмет, па сме биле информирани и многу генерации досега.