Сексуално образование или емоционална зрелост - што им е навистина потребно на учениците?

Откако министерството за образование и наука ја повлече наставната програма и изборниот предмет „Сеопфатно сексуално образование“ за средношколците, а организацијата ХЕРА предупредува дека младите остануваат без важна заштита, јавноста со поделени ставови по ова пршање. 

Повторно се отвора прашањето што навистина треба да им понуди образовниот систем на младите – дополнителни содржини за сексуалното здравје или поголем фокус на емоционалната зрелост и градењето здрави меѓучовечки односи.

Според професорот Дејан Трајковски од Битолскиот факултет, доколку се тргне идеолошкиот аспект, самиот предмет не бил неопходен, бидејќи дел од содржините поврзани со сексуално преносливите инфекции и заштитата од несакана бременост можат да бидат опфатени во постојните предмети, како биологија и физичко и здравствено образование.

Тој смета дека дополнителното воведување предмети во образованието може да значи и намалување на времето посветено на други наставни содржини, а вистинскиот недостаток кај младите, според него, се наоѓа на друго место.

Трајковски посочува дека на учениците не им е потребно училиште во кое ќе се објаснува техничкиот аспект на сексуалните односи, туку средина во која ќе можат да научат повеќе за емоциите, почитта, одговорноста и меѓусебното разбирање.

„На учениците не им треба објаснување на техниките за секс, туку повеќе внимание треба да се посвети на психолошките и емоционалните аспекти на машко-женските односи, разбирањето и љубовта. Токму на ова поле во општеството ни се случуваат најмногу хаварии“, вели Трајковски.

Според него, младите денес имаат пристап до огромен број информации, но тоа не значи дека истовремено имаат и доволно знаење за тоа како се гради здрав партнерски однос.

Тој смета дека училиштето треба повеќе да им помогне на младите да разберат што значат поддршката, почитта, взаемната љубов и отворената комуникација, како и како да се справат со недоразбирањата и конфликтите во односите.

Како пример ја посочува улогата на книжевноста и часовите по мајчин јазик. Според него, преку анализата на книжевните ликови и нивните односи, учениците порано индиректно учеле важни животни лекции – за љубовта, предавството, жртвувањето, емпатијата и одговорноста.

„Книгите ни покажуваа дека љубовта не е само страст или физички чин, туку пред сè одговорност и меѓусебно разбирање“, смета професорот.

Трајковски посочува и на потребата од поголема психолошка едукација на младите, особено во периодот на адолесценцијата, кога се појавуваат бројни несигурности, комплекси и стравови.

Според него, кога младите ќе научат подобро да ги препознаваат и контролираат сопствените емоции, полесно ќе развијат емпатија и разбирање кон другите, што е основа за здрави и стабилни односи.

Во целиот процес, смета тој, семејството ја има примарната улога. Отворениот разговор меѓу родителите и децата, искрената комуникација и личниот пример што младите го гледаат дома се, според него, најважниот воспитен модел.

Училиштето може да ја надополни таа воспитна улога, но не може целосно да го замени семејството, посочува Трајковски.

Неговата позиција е дека наместо постојано да се воведуваат нови предмети, дел од овие теми треба да се интегрираат во постојниот образовен систем. Биологијата и здравственото образование, според него, треба да ги опфатат прашањата поврзани со телото и здравјето, додека книжевноста, психологијата и воспитната работа треба да придонесат за емоционалното и социјалното созревање на младите.

„Биологијата е за телото и здравјето, а книжевноста и разговорот со психолозите треба да им помогнат да израснат во стабилни луѓе кои утре ќе знаат како да сакаат, да почитуваат и да изградат здрави врски и семејства“, вели Трајковски.

Оттука, прашањето за сексуалното образование, според него, не треба да се сведува само на дилемата дали предметот треба да постои или не. Многу поважно е да се постави прашањето што навистина им недостига на младите и какво знаење ќе им биде најкорисно за да станат одговорни, стабилни и емпатични возрасни личности.