Секојдневните забави во Градски парк им пречат на жителите на Дебар Маало

Откако започна фестивалот Summerland жителите од Дебар Маало немаат мир. Истиот започна на 4, а ќе трае до 28 јули. 

Програма има секој ден од 18 часот, па се до после полноќ. 

Жителите се жалат и бараат од Град Скопје, да се дислоцира овој фестивал. Затоа тие потпишуваат петиција

-Значи, цел јули месец од работа директно на журка додека да си легнеме. Ај ние сме можеби и помал проблем. Што е со бебињата, што е со старите и изнемоштени лица, што е со луѓето што сакаат да си прошетаат во мирна природа? Дебармаалци и жителите во парк немаат право на одмор и тишина затоа што некој така одлучил. Со целокупната претходна ситуација, бевме навикнати кои денови е Ван Гог погласен, кои денови Калдрма, кои денови Ганза, кои денови има настан во парк...и некако подгризнуваш затоа што знаеш дека утре ќе заврши. Ама сега со Summerland осудени сме да бидеме жртви на звучно загадување секој ден од 17ч00-00ч30. Ова е многу сериозно што треба дебармаалци да го поднесуваат секојдневно. Бараме да се врати бар малку од малку мирот во Дебар Маало и Summerland да биде дислоцирн. Моето семејство и јас сериозно размислуваме да си заминеме од местото кое нашите предци го граделе со љубов за да ни го остават. Како и многу дебармаалци што веќе си заминаа, велат тие во петицијата. 

Досега на петицијата се потпишани стотици жители, а дополнително барањето ќе го достават и до Град Скопје. Оттаму, пак, велат дека манифестацијата се одржува според сите прописи, не се пречекорува гласноста на музиката ниту времето на одржување на концертите.