Секоја недела старите скопјани оделе на излет, денот го почнувале и завшувале со песни и ора

Покрај саботните посети на соседите и роднините по домовите, во текот на летниот период редовно се организирале излети по селата, манастирите, во околината на Скопје. Излетите биле организирани секоја недела.

Се тргнувало рано сабајле, а се враќале во вечерните часови. Превозот се организирал со шпедитерски коли. Денот го минувале со песна, раскажувале случки од неделата што изминала, се шегувале- со еден збор било весело. 

 Друштвениот живот  во голема мерка се одвивал на попладневното корзо.

Матинеа се одржувале во Машката гимназија, секоја недела попладне, со присуство на професорите. Посетата на театарот и киното била редовна, а излетите  биле посебна разонода на скопското население. Со посебно задоволство се тргнувало на излети, некогаш и многу рано, бидејќи се одело со шпедитерска кола која пред тоа се резервирала. На излет се одело во Матка, Катлановска Бања, Скопска Црна Гора, а се летувало во манастирот Побожје,Свети Архангел, Свети Никита и др. 

 Семејството Чохаџиќ  своите летни одмори ги поминувало во Врњачка Бања, Нишка Бања, Владички Хан, а во подоцна одморот го  минувале и во Словенија, Језерско, Рогашка Слатина, каде што патувале со воз, а бидејки др. Чохаџиќ бил и железнички лекар, тие патувале со режиски билети. 

 Секоја година на “чист понеделник” оделе на излет на Тасино Чешмиче, каде што многу се пиело и тој што најмногу ќе испиел го прогласувале за водач на друштвото и му обесувале венец од кромид и пиперки на вратот, го качувале на шпедитерска кола и го враќале назад. На Ѓурѓовден се одело на излет во манастирот Свети Илија и Свети Ѓорѓија во Кисела Вода.