Секоја година се зголемува бројот на алергични луѓе во Македонија - алерголозите со апел

По долгата и студена зима, сите со нетрпение ја чекавме пролетта, а таа не само што донесе потопло време, ги донесе и пролетните алергии. Поленската алергија е раширена низ цела Македонија, така што нема место каде што граѓаните не се изложени на алергиски влијанија.

Експертските анализи покажале дека полените најбрзо се шират во градовите со развиена индустрија со недоволен проток на воздух, затоа се вели дека алергијата е болест на новото модерно време.

Според некои европски статистики дури 150 милиони луѓе во Европа патат од алергии, а едно од 20 деца имаат една или повеќе алергии на некој тип на храна.

Статистиката, пак, потврдува дека секој трети или четврти Македонец боледува од некој вид алергија, а во последните две децении тројно е зголемен бројот на децата кои имаат проблеми од алергии. Се работи за модерно заболување од кое имаат проблеми и бебиња и највозрасни лица, но најголемиот процент речиси над 60% од заболените се млади лица.

Децата се поалергични на полен, токму затоа пролетните алергии деновиве ја наполнија и детската болница во Козле каде половина од амбуланските прегледи се со алергии. Дечињата се најчесто со растечен нос, кашлање, што е карактеристично за алергиите.

Како што велат медицинските лица од овој Институт, секој втор пациент кој завршил во оваа установа имал алергиска реакција.

Аерозагадувањето и поленот го прават своето и затоа се повеќе дечиња имаат проблеми.

-Ако навреме не биде дијагностицирана, алергијата може да предизвика сериозни компликации по здравјето – посочуваат алерголозите и дополнуваат дека карактеристично е што во последните две децении, тројно е зголемен бројот на деца со алергиски ринитис.

Доколку алергијата е откриена навреме, според педијатрите многу е поголем ефектот од дејството на терапијата. Но од друга страна, сличноста со настинките ги збунува и родителите и матичните лекари.

Како што објаснуваат, доколку една година се лекува болно грло, се пијат антибиотици а ефект нема, значи станува збор за алергија и неопходно е да се посети Институтот каде на стручен начин ќе се направат соодветни алерголошки тестови.

Кивавица, суво кашлање, чешање или солзи во очите, напролет расте бројот на граѓаните кои развиваат симптоми на алергија. Полни чекалници пред ординациите на алерголозите.

Лекарското искуство вели дека поленската грозница е еден од најчестите видови алергија. Таа е предизвикана од дрвјата, тревите, цвеќињата, кои со помош на ветрот лесно се пренесуваат низ воздухот. Затоа во пролетта е периодот кога расте и бројот на алергиските реакции.

Но, алергиите најмногу ги погодуваат болните од астма, кај кои најчесто има и компликации. Превенцијата, раната дијагноза и навременото лекување се клучни да се избегнат сериозни последици по здравјето кај луѓето, особено кај дишните органи.

Алерголозите предупредуваат дека највисоки нивоа на полен има во периодот од 10 до 16 часот особено кога се ветровити, топли и суви деновите, затоа на граѓаните подложни на алергиски реакции им се препорачува да одат на прошетки, но доцна попладне и тоа во оние денови кои следат веднаш по обилни врнежи.

Препорака за пациентите со алергии

Препораките на лекарите за пациентите кои не знаат дали се алергични, а ги имаат симптомите веднаш да се јават на преглед за да навреме им се постави дијагнозата.

Оние што веќе боледуваат од некоја форма на пролетна алергија треба навреме да ја земат терапијата, односно пред да почне сезоната на алергии. Потребно е редовно да употребува назален спреј, како и имунокомплекси - додатоци на исхраната, додека кај потешките форми и антихистаминици.

Медикаментозната терапија ги опфаќа и капките за нос и очи, но и таблети, инјекции и инхалатори кои се кортикостероиди.

Дел од медицинските лица препорачуваат редовна имунотерапија во форма на вакцинација, бидејќи таа може драстично да ги намали раекциите на одредени алергени.

Лицата што имаат алергиска астма исто така треба редовно да ги користат спрејовите за астма и препораките на лекарите пулмолози.