„ Секој свое распетие и воскресение има“ - Стихови на Десанка Николова

Во чест на големиот христијански празник поезија на македонската авторка Десанка Николова! 

СЕКОЈ СВОЕ РАСПЕТИЕ И ВОСКРЕСЕНИЕ ИМА

Од раѓање до умирање,

човек неколку пати преживува

распетие и воскресение

и ко на Тајна вечера, некогаш,

од близок предаден бил,

на милост и немилост, оставен сам.

Ама ете навикнува човек, учи

дека каменот одблиску доаѓа,

па и едното око на другото

некогаш не му верува,

ама така посилен се станува.

Има и такви,

ни распетие ни воскресение

не преживуваат.

Ги гледаш живи ама одвнатре умреле,

од себе се откажале,

од животот раце кренале,

бродовите им потонале,

се закотвиле во својот мрак,

ниту се борат, ниту го бараат својот пат.

Мене за таквите, најмногу ми е жал

оти не научиле дека животот е борба,

дека некогаш без да сакаш, мораш,

дека нема победа без пораз,

дека секое умирање е ново раѓање,

ама човек треба да сака пак да се роди.

Од раѓање до умирање,

човек неколку пати преживува

распетие и воскресение,

секој свое распетие и воскресение има...