Секој петти смртен случај во Македонија е од рак - напредува вакцината против некои видови рак

Секој петти смртен случај во земјава е од рак. Годишно од малигни заболувања умираат околу 4000 лица. Ова заболување е втора причина за смртност во Македонија.

Најмногу случаи се регистрирани во големите градови и според експертите од Институтот за јавно здравје покрај пушењето и аерозагадувањето има влијание за постојаниот пораст на болни од карцином.

Од институтот за јавно здравје се категорични дека раното откривање на карциномот ги зголемува шансите за подолг живот.

Лекарите апелираат граѓаните да одат на редовни прегледи и мажите и жените да ги користат бесплатните скрининзи.

Вакцина која успешно излекувa 97 отсто од туморите кај глувци, ќе биде тестирана на луѓе со понизок степен на лимфоми до крајот на оваа година.

Пациентите кои ќе добијат вакцина, која содржи два докажано сигурни лека, нема да имаат потреба да примаат хемотерапија. Непосакувани ефекти се грозница и болка на местото на убодот од иглата.

Наместо да создава долготраен имунитет, вакцината дејствува на тој начин што го активира имуниот систем за да го нападне туморот.

Се очекува оваа метода да биде ефикасна кај понизок степен на лимфоми, кои ги напаѓаат белите крвни клетки и во главно реагираат на лекувањето, бидејќи имуниот систем често ги открива, за разлика од другите форми на болести, како што е рак на цревата.

Само во САД секоја година се забележани 1,7 милиони пациенти заболени од рак.

Вакцината ќе се тестира преку две истражувања, а во нив ќе учествуваат вкупно 35 пациенти со лимфоми. Секој учесник ќе прима ниска доза на радијација, како и две вакцини во период од шест седмици.

Слична метода е веќе одобрена за типови на леукемија и лимфоми, а таа вклучува земање на имуни клетки од телото на пациентот, односно нивна генетска модификација, поради која го напаѓаат туморот кога ќе се вратат во телото.

Тој третман е наречен CAR-T, а за еден пациент чини половина милион долари. Тој може да предизвика грозница, збунетост, проблеми со органите и имунитетот.

Што се однесува до новите методи, научниците третирале два идентични тумори во различни делови од организмот на глушец.

Еден од туморите е третиран со вакцина, што довело до активација на T клетки, кои предизвикуваат одговор на имуниот систем против непознати супстанци, како што се вирусите. Другиот тумор не го лекувале со вакцина.

Било заклучено дека вакцината лекува бројни типови на рак и спречува враќање на болеста.