Секој петти човек во Македонија има симптоми на депресија

Секој петти човек има симптоми на депресија. ова го покажува светската статистика, која според психијатрите важи и за Македонија. Дури за 37 проценти е зголемен бројот на оние кои поради депресивноста биле болнички лекувани на Клиниката за Психијатрија. Од 585 во 2010, на 803 пациенти во 2015 година. Според евиденцијата, оваа болест во нашата земја е позастапена кај женската популација. Намален апетит, проблеми со спиењето, главоболки, незаитересираност и непочитување на самиот себеси се само дел од симптомите утврдени кај овие лица.

- Лицата кои боледуваат од депресија не можат да ги извршуваат своите професионални обврски и како последица на тоа се доведува во прашање нивната егзистенција. Во најлош случај депресијата може да доведе до самоубиство, изјави Шабан Мемети, директор на ИЈЗ.

Во европски рамки, годишно, дури 128 000 лица со депресивни нарушувања извршуваат самоубиство. За психијатрите, депресијата е болест која се лекува и е втора причина за инвалидитет во светот.

- Секој петти човек развива симтоми на депресија, а 75 отсто од луѓето со голема депресија не се лекуваат. Четириесет милиони лица со депресивни нарушувања има во регионот Европа. Оваа болест доведува до самоубиство и е втора водечка причина за смртност во светот кај возрасна популација од 15-29 години веднаш по сообраќајните несреќи, изјави Антони Новотни, национален советник на СЗО за ментално здравје.

-Треба да се почитува говорот на лице со депресија, а тоа треба да избегнува ситуација која му делува негативно и да побара помош од стручни лица, изјави Елена Ќосева од ИЈЗ.

Покрај генетскиот фактор, на појава на депресија влијае и стресот на работа, модерниот начин на живот, животните проблеми.

Да се подобри квалитетот на животот, да се внимава на менталното здравје, да се прави баланс меѓу работата и приватниот живот, а доколку се добијат симптоми на депресија да се побара здравствена помош.

 

Извор: сител.мк