Секој месец, Арсовска ќе има координативни средби со градоначалниците на скопските општини

Најмалку еднаш месечно, а по потреба и повеќе пати ќе се состанува Координативното тело на градоначалници на Град Скопје со цел да се изнајдат решенија за проблемите на граѓаните, најавува градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Координативното тело денеска се состана, а на него десетте градоначалници на скопските општини и градоначалничката на Град Скопје разговараа за тоа како да се координираат активностите во општините за да има побрза реакција на барањата на граѓаните. Како што информираа од Град Скопје, на состанокот е разговарано и за спроведување на акција за чистење на депониите.

Договорено е до следниот состанок да се изготви акциски план со конкретни рокови и да се започне со нивна реализација, а со секоја координација да се надополнува планот соодветно на состојбите на терен. Во меѓувреме, ќе се направи и план за отворање на расправа за Генералниот урбанистички план и ставање на функција на Зелениот совет на град Скопје.

Координативното тело на градоначалници под Градот Скопје согласно закон, делува во интерес на граѓаните, а на седниците се разгледуваат прашања од заеднички интерес на општините и се изнаоѓаат решенија.