Секој фрла ѓубре кога сака па преку цел ден имаме полни контејнери кои лошо мирисаат

Скопјани не ги почитуваат термините за фрлање смет запишани на налепниците на контејнерите. Токму поради тоа преку цел ден имаме преполни контејнери кои шират непријатна миризба.

Голем дел граѓани и не знаат дека во секој реон од градов ѓубрето се собира во различни периоди од денот и дека саатницата во кој период од денот треба да се исфрла ѓубрето е запишана на малите зелени налепници.

- Ѓубрето од дома го исфрлам кога излегувам на работа нешто пред 8 часот наутро. Не сум забележал дека има некаква информација некаде за тоа кога треба да го исфрлам ѓубрето. Ако има такво правило јавното претпријатие треба редовно и појасно да ги информира граѓаните за тоа – вели Стефан И. жител на Тафталиџе.

Но од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ тврдат дека постојано ги заменуваат налепниците и таму каде што нема поставуваат нови.

– На сите контејнери има поставено налепници со термините за одлагање на отпадот. Доколку некаде се извадени или одлепени, секако дека во најкраток можен рок ќе бидат обновени. Овие термини се поврзани со динамиката за собирање и транспорт на отпадот и тие се различни во секоја општина. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат термините наведени на налепниците и отпадот да го исфрлаат во посочените термини, за садовите да останат празни и чисти во што поголем период од денот, исто како и непосредната околина. Досега не сме имале поплаки од граѓаните дека не се информирани за термините – велат од „Комунална хигиена“.

Од „Комунална хигиена“ и натаму сметаат дека граѓаните треба да ги почитуваат термините за фрлање на отпадот. Во спротивно, ѓубрето што е исфрлено подоцна ќе остане цел ден, сѐ до наредното поминување на нивните камиони. Оттаму велат дека токму ова е причината за преполните контејнери и непријатната миризба.