Секој е добредојден: Денеска гответе за бездомниците

Денеска од 17 часот, на улицата Петар Поп Арсов бр. 6. во близина на Универзална сала, „Ретвитни оброк“ заедно со „Мрдни со прст“ и DJ Goce SAF ќе готват за бездомници и ќе го прослават вториот роденден на групата ентузијасти која подготвува и донира оброци на оние на кои им е најпотребно.

Секој е добредојден денеска, но и секој петок во иднина, да мрдне со прст и да помогне околу сечкањето морков, кромид, зелка, мешањето ориз, пакувањето на зготвените оброци или друга креативна опција - да донесе неколку зготвени и спакувани оброци и воедно да се дружи со позитивни и весели луѓе. Дополнително, DJ Goce SAF ќе биде музичката поддршка и подлога со цел готвењето да биде разиграно, лесно и певливо.

- Идејата „Ретвитни оброк“ се роди пред точно две години. Сега сме самоорганизирана група од дваесетина млади луѓе кои подготвуваат и донираат оброци на бездомниците во Скопје. Покрај тоа што сме дваесеттина луѓе, секој петок ни се приклучуваат нови кои готват заедно со нас. Всушност, во петок ја готвиме храната за потоа секоја сабота од 12.30 часот зад Спомен-куќата на Мајка Тереза истата храна се подели на оние кои се гладни и живеат на раб на егзистенција. Од скромниот почеток сега стигнуваат до повеќе од 150 оброци спакувани во алуминиумски садови. Не важно дали е ориз со копан, гравче-тавче, печен компир или макарони со парче месо и сaлата, важно што е свежо и доволно за еден ручек. Бројот на оброци секоја недела постојано се зголемува, а ова се должи на се поголемиот интерес и јавувањето на се повеќе нови лица кои се приклучуваат, организации, фирми и хумани граѓани кои учествуваат било за подготовка, било за транспорт на оброците дури и низ повеќе градови во земјава. Се надеваме дека од сабота во сабота ќе имаме се повеќе луѓе кои што ќе донесат храна на нашето збирно место – зад Спомен-куќата на Мајка Тереза - велат од „Ретвитни оброк“.

Повеќе за денешниот настан и прославата на вториот роденден на „Ретвитни оброк“ заедно со „Мрдни со прст“ и DJ Goce SAF можете да дознаете на официјалниот настан на Facebook: https://www.facebook.com/events/281268385658355/ 

Кампањата „Мрдни со прст“ продолжува и понатаму, а секој кој сака да се пријави за следните акции или да пријави проблем може тоа да го направи преку веб страната www.mrdnisoprst.mk или Facebook страната www.facebook.com/MrdniSoPrst.