Секој десетти Македонец боледува од дијабетес

Околу 200.000 илјади граѓани на Македонија боледуваат од подмолната болест дијабетес која директно предизвикува сериозни проблеми со видот.

И овој 14-ти ноември, Светот го обележува денот на дијабетесот преку глобална кампања, промовирана од Светската здравствена организација (СЗО) за да се зајакне свесноста на граѓаните за потребата од засилена грижа за превенција на оваа болест.

Според светската статистика, оваа болест последните години доживува рапиден раст и од неа боледуваат околу 450 милиони луѓе во светот.  Видот е еден од позначајните здравствени аспекти кој страда како последица токму на оваа болест.

Многу лица со дијабетес имаат проблеми со видот. Нарушувањата на видот почесто се јавуваат кај долгогодишните дијабетичари и кај оние пациенти кај кои регулацијата на шеќерот во крвта е несоодветна. Токму поради овие причини, за лицата со дијабетес многу е важно да не ги занемаруваат проблемите со видот и редовно да одат на прегледи кај офталмолог. Најчестите промени кај дијабетесот се јавуваат на крвните садови на мрежницата на окото и на очната леќа.

Забележано е дека кај дијабетичарите лесно и често се развиваат и промени на очната леќа во смисла на катаракта.

Дијабетесот е болест на организмот која се јавува кога човечкиот организам не успева правилно да го користи и да го складира шеќерот, што резултира со оштетувања на крвните садови во мрежницата на окото, но и со други оштетувања. Диајбетската ретинопатија настанува кога поради зголемена концентрација на глукоза во крвта доаѓа до оштетување на малите крвни садови во мрежницата на окото (ретината). Болеста е погресивна и поминува низ неколку стадиуми.