Секој ден по над 100 казни за скопските возачи, но сепак сообраќајки има постојано

Иако секојдневно сообраќајната полиција изрекува над 100 санкции за непочитување на сообраќајните правила само во Скопје, сообраќајните незгоди се секојдневие во главниот град. 

Завчера само на подрачјето на Скопје биле изречени 194 мерки, при засилената акциска сообраќајна контрола од страна на МВР.  

Од вкупно 194 мерки, за возење повеќе од дозволената брзина се изречени 20 санкции, потоа 16 мерки за возење без возачка дозвола, три мерки за возење под дејство на алкохол. Изречени се 10 мерки за нерегистрирани возила, три санкции за возач почетник, 10 санкции за користење мобилен телефон, пет мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло). 

И покрај контролите, очигледно возачите во метрополата не се примерни возачи. 

Потврда за тоа е вчерашниот верижен судир на пет автомобили во центарот на Скопје, за кој известија медиумите, а граѓаните се согласија дека треба да се внимава „со четири очи“ кога се учествува во сообраќајот. 

-Не е за чудење, возат 100 на час, им се брза на луѓето, не држат растојание, а не се свесни дека загрозуваат невини животи во сообраќајот, коментира еден скопјанец. 

И после се лутиме зошто полицијата казнува. Море за брзо возење, алкохол, непочитување на семафот, појас и зборување на телефон - одземање на возачката на три месеци, вели друг.

На територија на град Скопје во текот на вчерашниот ден изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 12 санкции, осум мерки за непочитување на првенство на минување, пет санкции за недавање првенство на минување на пешаци.