Секој четврти што останал без работа е на возраст до 29 години

Значителен пораст на невработеноста кај младите лица до 29 години поради здравствено-економската криза предизвикана од ширењето на ковид-19 регистрирала европската статистичка институција „Евростат“. Како што наведува оваа институција, од првиот квартал на 2020 година, европскиот пазар на трудот, како и повеќето во светот, се справува со штетите наметнати поради пандемијата. И во Македонија, и покрај мерките за поддршка на стопанството, е забележан пораст на невработеноста.

Податоците што ги објавува Агенцијата за вработување покажуваат дека од март до крајот на септември бројот на невработени се зголемил за 43.627 лица. Имено, во март како невработени биле регистрирани 107.732 лица, додека, пак, во септември бројот на невработени лица пораснал на 151.359. Притоа, од вкупниот број невработени лица регистрирани во Агенцијата, дури 35.751 лице се на возраст од 15 до 29 години. Од Агенцијата посочија дека секое четврто лице што останало без работа од почетокот на пандемијата е на возраст до 29 години, со нагласка дека тука не се опфатени лица што можеби работеле на црно, односно без договори.

И досегашното искуство вели дека младите лица полесно ја губат работата особено во кризни времиња, бидејќи најчесто работат на несигурни и пониско платени работи места. Дополнително што и досега, односно пред пандемијата младите лица во Македонија потешко се вработуваа за разлика од лицата на иста возраст во развиените земји.
Податоците што ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека невработеноста за лицата од 15 до 24 години во вториот квартал од годинава изнесувала 33,8 проценти.
Упатените посочуваат дека невработеноста меѓу младите и претходно беше голема и дека тие се први на удар при појава на некаква криза, но истовремено укажуваат дека иднината и можностите се кај младите луѓе и дека оваа ситуација треба да ни послужи како параметар каде треба да се насочат младите во образованието за полесно да се вклучат во работните процеси.
– Невработеноста кај младите е структурен проблем и еден од најголемите кога се рангира невработеноста во Македонија.

За жал, дури и бројките кај високообразованите млади луѓе се далеку под нивото на вработеност на европските просеци. На повеќето анкети меѓу младите луѓе на прашањето дали би ја напуштиле земјата, одговараат дека сакаат да емигрираат од Македонија.

Проблемот е анализиран и е во стратегијата за намалување на невработеноста, но за надминување на овој структурен проблем е потребно време за реализација на мерките за намалување на невработеноста кај младите. Не е за изненадување податокот дека пандемијата лошо влијае врз економијата или врз затворање на компании и намалување на работните места. За жал, поголем е процентот на младите што остануваат без работа, а претпоставувам дека причините се различни, како на пример од мислење дека компанијата би можела да опстане без младите, или пак дека младите имаат помала одговорност и обврски кон семејствата, па работодавците полесно се одлучуваат да ги отпуштат. Не сметам дека е една причина, туку се повеќе, а бројките се резултат на целиот тренд наметнат од пандемијата – вели професорот Зоран Ивановски од Факултетот за туризам и менаџмент.

Наедно тој укажува дека има и одредени охрабрувачки податоци што би требало да дадат насоки каде треба да се движиме како држава. Тој укажува дека во одредени делови од реалниот сектор има пораст на вработеноста, особено во ИТ-секторот, каде што исто така се бараат повеќе млади лица.
Познавачите на состојбите укажуваат дека лицата што имаат компјутерски вештини побрзо ќе се снајдат на пазарот на трудот, но и дека добар знак е што младите сѐ повеќе се насочуваат кон изучување компјутерски вештини.
– Се менува структурата на работата и за одредени дејности се потребни помалку лица, а за други – повеќе. Ова е можност да се изучат заклучоци кој профил на образование е потребен и каде треба да се насочат младите за побрзо вработување, бидејќи добар дел од младите во ИТ-секторот не го погоди кризата, туку, напротив, во овој сектор се зголемија потребите од нови вработувања, токму од млади лица – истакнува професорот Ивановски.