Со месеци секое утро повеќе жителите од Бутел, Радишани и околните места заглавуваат на улица Бутелска поради тоа што се уште не е решен проблемот со улицата кај отпадите. Градежните работи при пробивањето на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош во општината Бутел сè уште се во тек, а со повторното полнење на градот по годишните одмори се очекува метежот во овој реон константно да се зголемува и да се влошува.

-Од оваа локација Бутел 2 до Центар има 9 км, не е нормално секојдневно да ги минуваш за 35-45 мин. Не е нормално, да најавиш проект кој треба да го завршиш според кажувањата на градоначалникот за две недели, а да тераш со неажурност 4 месеци. Ова е единствената улица која ги поврзува Бутел 2 и Радишани, сосе околните села, во двата правца кон Центар, за тие што живеат во останатите населби во Скопје замислете да имате само едно патче за до дома, на толкава фрекфенција на луѓе и возила, коментира револтирана скопјанка.

Сообраќајниот метеж со кој се соочуваат жителите на Бутел ќе потрае неодамна изјави  првиот човек на општината, Велимир Смилевски. Изградбата на втората фаза од булеварот Христијан Тодоровски Карпош кој треба да се поврзе со обиколницата напредува бавно бидејќи линијата стигнува до далекувод кој според градоначалникот е специфичен за дислоцирање.

„Мислам дека ќе трае малку повеќе но со оглед на тоа дека ќе ја пуштиме улицата Натанаил Кучевишки да влегуваат возилата во еден правец за да може да ја намалиме фрекфенцијата на улица Бутелска“, изјави Смилевски.