
Денес се навршува една година од смртта на Владимир Блажев – Панчо, музичарот, пејачот и текстописецот кој заедно со Андреј Ѓорѓиески го создаде хип-хоп дуото ДНК и остави длабока трага во македонската музика.
Живот на Панчо заврши по неколкумесечна борба со тешките повреди здобиени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, трагедија што однесе десетици животи и остави трајни последици врз музичката сцена и целото општество.
Владимир Блажев е роден на 29 јули 1979 година во Скопје. Љубовта кон музиката го одбележа неговиот живот, а во 2001 година, заедно со Андреј Ѓорѓиески, ја започна приказната на ДНК. Дуото со текот на годините прерасна во едно од најпрепознатливите имиња на македонската поп и хип-хоп музика, освојувајќи публика со својот звук, енергијата и песните што станаа дел од секојдневието на повеќе генерации.
Нивната музика ги спојуваше поп-звукот и хип-хопот со современите урбани влијанија, создавајќи препознатлив стил. Почетокот на нивниот заеднички пат го одбележа синглот „Девојка за везден“, а со песната „Благодарам однапред“ дополнително го привлекоа вниманието на публиката. Следуваа бројни хитови, меѓу кои „Полна месечина“, „Пази се од мене“, „Навлечен на тебе“, „Таа тоа го крие“, „Дада“, „Само таа знае како“, „Најмила“, „Темно е“ и „Она е од Шутка“.
Покрај својата активност во рамки на дуото ДНК, Панчо беше активен и како диџеј под името DJ Shorty P. Настапуваше во клубови во Македонија и во странство. Работеше и како букинг-агент, придонесувајќи за развојот на домашната клупска сцена.
Но сепак, неговото име не остана запаметено само по музиката. За публиката беше препознатлив по својот темперамент и непосредност, а за семејството и блиските беше сопруг, татко на две деца и пријател. Зад сценското име Панчо стоеше човек чиј живот, покрај настапите и песните, го исполнуваа и личните врски и секојдневните моменти.