Претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Муамед Сејдини, ќе си замине од функцијата по завршувањето на двата ноемвриски дуели на А-тимот против Летонија на 14 ноември и против Фарски Острови три дена подоцна, дознава Спорт1 од извори блиски до Куќата на фудбалот.
Според информациите, Сејдини веќе ја ковертирал оставката и ќе ја обелодени по завршувањето на двата меча, со цел да нема нарушување на атмосферата во А-тимот, кој го обезбеди првото место во четвртата група од Ц Лигата на Нациите, со што во наредниот циклус ќе оди во посилната - Б Лига.
Претседателот Сејдини периодов ја изгуби довербата и кај најблиските соработници, членовите на Управниот одбор, кои верно му слугуваа и аминуваа досега, но наеднаш му го завртеа грбот, па свесен дека не може да се спаси, решил да си поднесе оставка. Неговиот мандат е при крај, напролет треба да има редовно Изборно собрание, но извесно е дека тој нема да биде кандидат.
Потпретседателот Лазар Ракиџиев веројатно ќе биде назначен за в.д. претседател, но само со ограничени ингеренции, а најважната задача ќе му биде да организира фер Изборно Собрание, на кое ќе биде избран наследник на Сејдини.
Сејдини стана претседател по оставката на Илчо Ѓорѓиевски во јули 2018 година, а дотогаш ја извршуваше функцијата потпретседател на ФФМ. Неговиот мандат ќе остане забележан по тоа што Македонија за првпат играше на едно ЕП (2020), но не поради тоа тој беше заслужен за тоа, туку поради тоа што наследи сплет на околности, синергија во А-тимот и лесен начин за пласман на Евро, па нескромно си ги припиша заслугите и се обиде да го собере ловориките.