
Четири лица биле лишени од слобода, а со едно лице бил извршен службен разговор по седум пријави за семејно насилство евидентирани во изминатото деноноќие, информира Министерството за внатрешни работи.
Во Тетово бил уапсен 44-годишник од гостиварско, поради сомнение дека извршил семејно насилство врз својата сопруга. Во Скопје, пак, полицијата го привела 46-годишниот Н.Т., откако бил пријавен дека физички ги нападнал своите родители и упатувал закани кон членовите на семејството.
На подрачјето на Шуто Оризари бил уапсен и 40-годишен скопјанец, кој според пријавата со остар предмет им се заканувал на својата вонбрачна партнерка и на нивната ќерка, а притоа оштетил и дел од покуќнината.
Во Виница, пак, полицијата лишила од слобода 29-годишна жена, осомничена дека со метален предмет ја нападнала својата 51-годишна мајка, при што ѝ нанела повреди поради кои била пренесена во болница во Кочани.
Во Полициската станица Драчево бил извршен службен разговор со 63-годишен скопјанец, по пријава дека физички ја нападнал својата сопруга.
Меѓу пријавените случаи е и оној во кој 37-годишна жена пријавила дека нејзиниот вонбрачен партнер ѝ истурил хемиско средство во пределот на лицето и очите, по што ѝ била укажана лекарска помош во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Дополнително, 33-годишна жена од Бит Пазар пријавила дека нејзиниот сопруг ѝ упатувал закани во семејниот дом.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи, а по нивното целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави.