Седум пријателки купиле заедничка куќа за да ја дочекаат староста заедно

Денеска, сè повеќе луѓе стравуваат од осаменоста во староста, приказната на седум долгогодишни пријателки од Кина стана инспирација за милиони луѓе ширум светот.

Наместо да сонуваат за луксузни патувања или големи богатства, тие имале една едноставна желба – секогаш да бидат блиску една до друга.

Нивната приказна започнала уште во 2008 година, кога, за време на едно дружење, низ смеа си ветиле дека еден ден ќе ја поминат пензијата заедно. Наместо секоја да живее сама, сакале да создадат дом во кој ќе можат да се грижат една за друга, да готват заедно, да пијат утринско кафе и да стареат опкружени со луѓе што ги сакаат.

Она што започнало како шега, со текот на годините станало реалност. Пријателките, кои се познаваат повеќе од дваесет години, заеднички купиле куќа од околу 700 квадратни метри во живописно село на околу 70 километри од Гуангжу. Објектот бил стар и запуштен, но тие целосно го реновирале и го претвориле во дом од соништата.

Во уредувањето внимавале секоја да има свој личен простор, но и доволно заеднички места за дружење. Куќата располага со голема кујна, трпезарија, дневна соба и пространи спални соби, а едно од најубавите места е стаклената чајна соба со поглед кон оризовите полиња и околната природа. До неа води дрвен мост, а во дворот има градина исполнета со цвеќиња и зеленило.

За реализација на својот сон вложиле околу 4 милиони кинески јуани, односно приближно 580.000 американски долари според тогашниот курс. Но, за нив ова никогаш не било инвестиција во недвижност, туку инвестиција во животот што сакаат да го живеат.

Интересно е што пријателките направиле и договор секоја да развие различна вештина пред да се пензионира. Една ќе биде задолжена за готвење, друга за одгледување зеленчук, трета ќе свири музика, а некоја ќе изучува традиционална медицина. Нивната идеја е секоја да придонесува за заедничкиот живот и сите да се чувствуваат корисни и исполнети.

Иако куќата е подготвена, повеќето од нив сè уште работат и имаат семејни обврски. Планот е таму трајно да се преселат кога ќе заминат во пензија и кога нивните деца ќе бидат самостојни. Понекогаш, луѓето што ги избираме низ животот стануваат нашето најголемо богатство. Со вистинските луѓе покрај себе, и последните децении од животот можат да бидат исполнети со смеа, разговори, заеднички оброци и нови спомени.

Би се осмелиле ли и вие да ја поминете пензијата живеејќи со вашите најдобри пријатели?