Седница на Советот на Град Скопје

Советот на Град Скопје на 24-та седница, која ќе се одржи денеска, ќе разгледува и ќе расправа за поголем број предлог-одлуки и програми за работата на Градот Скопје, информираат од оттаму.

„На денешната седница Советот ќе расправа по предлог-одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Сарај за финансиско учество во целосната реконструкција на локалниот пат село Копаница, општина Сарај. Со оваа одлука се предвидува учество на Градот Скопје во целосната реконструкција на локалниот пат, со што ќе се создадат услови за решавање на еден од важните инфраструктурни проблеми на жителите во овој дел од Скопје. Со оваа одлука е предвидено Градот Скопје да учествува со 20 милиони денари, средства што ќе се обезбедат од буџетите на Град Скопје за 2019 и за 2020 година, а Општина Сарај да учествува со 15 милиони денари“, информираат од Град Скопје.

Дополнително, се наведува во соопштението на денешната седница советниците ќе расправаат и за предлог-одлуката за давање субвенции на ЈП„Улици и патишта“- Скопје со која се одобрува субвенционирање на јавното претпријатие за набавка на топ-возило, односно специјализирано возило со дигалка и корпа, во износ на 5 милиони денари. А вработените во ЈП „Улици и патишта“, како што посочија од Град Скопје, ова возило би го користеле за поправка и монтирање семафори на градските улици.

Советниците на Град Скопје на денешната седница, исто така, ќе расправаат и по предлог-програмата на активностите од областа на заштитата на животната средина и природата на подрачјето на град Скопје за 2019 година.

„Со оваа програма се утврдуваат мерките и активностите за заштита и унапредување на животната средина и природата на подрачјето на  Скопје, преку конкретни активности во рамките на сите медиуми (воздухот, водата и почвата) и области на животната средина (отпадот, бучавата, нејонизирачкото зрачење, природата, биодиверзитетот, климата) и сите елементи што претставуваат неделива целина од животната средина. Програмата всушност ги дефинира конкретните проекти, потребата од нивна реализација и целите што ќе се постигнат, како и износот на потребните финансиски средства“, се наведува во соопштението.

Советот на Град Скопје на денешната седница ќе решава и за предлог-одлуките за субвенционирање на повеќе јавни претпријатија на Градот, за предлог-програмата за изработување урбанистички планови на Град Скопје за 2019 година, предлог-програма за поддршка на локалниот економски развој на  Скопје за 2019 година, како и за измените и дополнувањата на поголем број програми за работа на Градот Скопје за 2019 година, информираат оттаму.