Седиштето на СИБРИГ од 2020 година во Северна Македонија

Република Северна Македонија од 2020 до 2026 година ќе биде домаќин на седиштето на Бригадата за Југоисточна Европа – СИБРИГ која е најзначаен проект на Иницијативата за соработка на министрите за одбрана на ЈИЕ.

Ова го истакна денеска заменик на началникот на ГШ на АРМ генерал мајор Азим Нуредин во изјавата дадена по повод завршувањето на дводневната конференција на замениците на началници на ГШ на земјите членки на оваа Иницијатива што се одржа во Скопје.

Тој нагласи дека на конференцијата бил потпишан и шестиот дополнителен протокол со кој на оваа бригада ќе и биде даден нов импулс за натамошно унапредување на нејзиното функционирање, а за улогата на домаќин нашата армија континуирано ги презема сите мерки за овозможување услови за нејзина целосна функционалност.

-Можеме да се гордееме со факот дека РСМ покрај долгогодишното учество и придонес во оваа бригада ќе биде домаќин на седиштето на командата на СИБРИГ во период од 2020 до 2026 година. Тоа е уште еден доказ за нашиот напредок и достигнување во полето на компатибилност и интероперабилност со НАТО стандардите. Тоа го докажуваме и со нашето овогодишно учество во 30 меѓународни вежби од кои најголемата досега во нашата држава, вежбата „Одлучен удар“, која е во полн ек и се реализира на армискиот полигон „Криволак“, рече генерал мајор Нуредин.

Искажувајќи задоволството дека сме домаќини на оваа конференција во година кога ќе го заокружиме процесот на полноправно членство во НАТО Алијансата, тој посочи дека на форумот покрај споделување на искуствата и перспективите донесени се и заклучоци со кои ги потврдиле определбите преку постојано подобрување на соработката во одбраната да се подбува и севкупната регионална безбедносна состојба.