Се злоупотребува стар апел за помош: Ваквите појави ги вознемируваат семејствата и блиските

Употребата на социјалните мрежи за зголемување на видливост и присутност се повеќе излегува од контрола и поединечни корисници воопшто не размислуваат дали со нивните постапки некого навредуваат или пак будат стари трауми. 

Во повеќе наврати одново се споделуваат апели за помош на болни деца и млади, исчезнати лица, повици за донации, случаи кои одамна се разрешени или пак имале трагичен исход, или пак болното лице веќе е излечено и живее живот без болки и трауми. 

Последен пример се фотографиите од деца кои продаваат лимонада за да помогнат на свој пријател кој е болен од тешка болест. Но, со едноставно пребарување на фотографиите и името на момчето, јасно се гледа дека апелот е од пред четири години, но и дека за жал, овој случај имал трагичен исход, односно Никола починал. 

Прашањето кое останува е дали воопшто овие лица, кои ги започнуваат иницијативите, ги проверуваат информациите пред да ги споделат, или пак тоа го прават намерно, во борба за „лајк“ повеќе?