Се зголемува додатокот за децата со посебни потреби

Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска расправаше за измени и дополнувања на Законот за заштита на децата кои треба овозможат зголемување на висината на додатокот за деца кои имаат пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години.

Освен зголемувањето на средствата, овие лица ќе бидат и здравствено осигурани, ако не се осигурани по било кој друг законски основ.

Износот на утврдената висина на правото на посебен додаток со Законот за заштита на децата се зголемува од 4.202 денари  на 5.021 денари.

Самохраните родители кои имаат дете со специфични потреби со пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години наместо досегашните 6.303 денари ќе добиваат сума од 7.351 денар.

За материјално необезбедени родители, кои се корисници на социјална помош и постојана парична помош, а кои имаат дете со специфична потреба до 26 години додатокот се зголемува од 5.252,50 денари  на 6.276 денари.

По поддршката од Комисијата законските измени треба да се најдат на пленарна седница во прво читање. 

Овие измени, како што посочи Јована Тренчевска од Министерството за труд и социјална политика, се само дел од стратегијата на Министерството за труд и социјална политика за подобрување на финасиската состојба и условите за живот на најранливите групи на граѓани.​