Се зазеленува општина Центар – на повеќе локации ќе се засадат 5.000 садници

Општина Центар планира на повеќе локации да засади 5.000 оформени дрвја или садници во рамки на акцијата “За зелен Центар”. За реконструкција и одржување на зеленилото во општинската каса се одвоени рекордни12,15 милиони денари.

– Како резултат на градењето врз зелени површини во рамките на проектот „Скопје 2014“, во Мал ринг во Центар во 2013 година, зеленилото е намалено за 50 отсто – информираат од општина Центар.

Вчера беа засадени 16 висококвалитетни садници од видот јавор пред објектот на „Македонска пошта“. Во завршна фаза се подготовките за изградба на парк во Капиштец којшто ќе биде сместен од делот кај Зебра до Беверли Хилс и ќе биде хортикултурно и партерно уреден и со ново осветлување.

– Нов парк е предвиден кај Зелен пазар, ќе се обновува зелената површина во Буњаковец позади Универзална сала, ќе се реконструираат жардиниерите и исушените дрвја на Сквер Јадран и ќе се изврши реконструкција на дел од Паркот Франкофонија – велат од прес службата на општина Центар.

Оттаму нагласуваат дека ќе се продолжи со практиката за зазеленување на сите слободни површини што може да бидат „маалски“ паркови, а наедно ќе се постават и автоматски системи за наводнување.