Се враќа стариот сјај на Скопје: Нова туристичка автобуска рута

Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше на официјалниот почеток на новата туристичка сезона Скопје 2018 и промоцијата на новата туристичка автобуска рута.

Новата рута се реализира во рамки на „Сити тур бас“ (CITY TOUR  BUS) преку ЈСП Турс и истата има за цел да ги презентира сите културни и туристички знаменитости на Скопје, со акцент на богатството на културни и религиозни разлики, мулти-етничноста, Старата скопска чаршија со сите свои специфики од занаети до кулинарство, архитектурата на Кензо Танге поврзана со земјотресот и Скопје како град на солидарноста.

- Го враќаме стариот сјај на Скопје истовремено збогатувајќи ја туристичката понуда на градот со модерни содржини кои реално ќе привлечат нови туристи. Нашата цел е новите туристи по посетата на Скопје во своите краеви да понесат пријатни искуства достојни за угледот на нашиот град, по примерот на другите европски и светски метрополи. Придобивките на новата туристичка сезона за оваа година опфаќаат и промоција на Парк шумата Водно и Матка како еко-оази на градот, Жичницата на Водно, како и промоција на настаните кои ни претстојат од типот на Виз Ер Скопскиот маратон кој ќе се одржи 6-ти мај, трката на Водно „Прв до Врв“ која ќе се одржи на 20-ти мај, Скопското лето, како и ред други настани кои Скопје го прават бренд со кој сите се гордееме – кажа Шилегов.

 Градоначалникот Шилегов додаде дека Градот Скопје ќе ги продолжи своите активности за  развој на туризмот во Скопје и подобрување на условите за сите негови посетители.

- Напорно работиме на унапредувањето на туризмот во градот и Ве уверувам дека со малку креативност ќе станеме пристојна туристичка дестинација. Скопје има голем неискористен потенцијал за развој на туризмот кој мора да се искористи и ќе се искористи на вистински начин на кој сите придобивки најмногу ќе ги почувствуваат граѓаните на Скопје – рече Шилегов.