Се враќа пораката на Јосип Броз Тито за солидарноста после земјотресот во 1963 година која стоеше на Музејот на Град Скопје

Град Скопје ја враќа пораката на Јосип Броз Тито за солидарноста после земјотресот во 1963 година која стоеше на Музејот на град Скопје.

Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека на одбележувањето на 55 годишнината од земјотресот на Музејот на град Скопје ќе бидат поставени буквите кои беа извадени пред 17 години.

„Со измените и надополнувањата на програмата за култура предвидени се 220.000 денари за изработка и поставување на букви за текстот на Јосип Броз Тито на источната страна на фасадата на зградата на Музејот на град Скопје. Пораката за солидарноста која беше белег на Скопје повторно ќе биде вратена“, велат од кабинетот на градоначалникот Шилегов.

По катастрофалниот земјотрес во Скопје во осумдесетите години на источната страна на Музејот со стиропорни букви, беше поставена пораката на Тито од 27 јули 1963 година – „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помош на целата наша заедница тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството на југословенската и светската солидарност.

Пораката за солидарноста беше отстранета во 2001 година, кога министерка за култура беше Ганка Самоилова-Цветановска со образложение дека ѕидот ќе се реконструира а потоа буквите ќе бидат заменети со нови. Но тоа досега не се случи.

Во април годинава група граѓани испратија писмо до Град Скопје и Музејот на град Скопје во кои бараат да се вратат буквите.