Се враќа монашкиот живот во еден од најстарите манастири во Скопје

Манастирот Свети Пантелејмон во скопско Горно Нерезеи ќе стане уште едно монашко светилиште на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Манастирот кој во поновата историја беше познат како ресторан, каде се правеа свадби и веселби, сега го враќа вистинскиот дух на црковно светилиште.

Oткако беше изграден комплексот Македонско Село, а со тоа и дислоциран ресторанот од манастирот, Синодот на МПЦ ја отпочнал иницијативата за заживување на овој манастир, како вистински духовен центар со монашко братство. Засега е обновен само еден конак и во него е сместен еден монах и четворица искушеници. Целта е негова целосна обнова и воспоставување на машки монашки ред. Манастирот Свети Пантелејмон се наоѓа во Скопската Епархија, но е под надлежност на Синодот на МПЦ-ОА.

Инаку, Свети Пантелејмон е една од ретките цркви зачувани во оригиналната форма од нивната изградба. Манастирската црква е градена од византиската династија Комнин во 1164 година, односно од принцот Алексеј Ангел син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот император Алексеј I Комнин.
Црквата, според своите димензии, спаѓа во редот на помалите цркви од типот впишан крст во правоаголен простор, односно комбинација со слободен крст. Градена е од обичен кршен камен, изваден во околината на манастирот и тули, кои со големо мајсторство се претворени во полихромни површини што го нагласува впечатокот како објектот да израснал од една монолитна стена, која во горниот дел завршува со една поголема осмострана и четири помали четиристрани куполи.
Првото оштетување на црквата се случило од земјотрес во 1555 година, но манастирот бил целосно сочуван. Какви биле и колку настрадале старите манастирски конаци не е познато, но за црквата со сигурност се знае дека ја загубила само централната купола во којашто, може да се претпостави, бил насликан Исус Христос.
Манастирскиот комплекс е ограден со високи ѕидови, а според изградените конаци во манастирот можеле да живеат десетина монаси.

Извор: Религија.мк