Се воведува траен надоместок за невработен родител којшто се грижел за дете со попреченост

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека со социјалната реформа се воведува траен надоместок за невработен родител којшто се грижел за дете со попреченост.

„Биолошките семејства кои имаат деца со попреченост,  како поддршка веќе имаат зголемен износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15%. Воведуваме и траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст без да го смести во институција. Право на овој надоместок ќе имаат родителите коишто се невработени и не користат право на пензија. Надоместокот ќе може да го користат, по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж“, велат од Министерството.

Со новиот закон, додаваат од таму, ја развиваме и услугата за одмена на семејна грижа која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив.

Користењето на правото за попреченост, со новиот закон се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува до 50% од просечна нето плата.

Се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост – Лична асистенција и услугата Домашна нега.

Од Министерството посочуваат дека активно продолжува да тече и процесот на деинституционализација. Владата лани ја усвои Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, кој предвидува 66 милиони евра за 10 годишна реформана системот за социјална заштита.