Се воведува авионска линија Скопје-Варшава

Почнувајќи од 1. јуни, LOT Polish Airlines ќе ја воведе првата директна авиолинија од Варшава до Скопје, објавуваат ТАВ Македонија и ЛОТ Полиш ерлајнс.

Летовите на оваа линија ќе сообраќаат речиси секој ден, односно 6 пати неделно, освен во недела, со модерни Ембраер воздухоплови. Билетите се веќе во продажба.

Ембраерите на LOT секој понеделник, среда и петок ќе полетуваат од Аеродромот „Шопен“ во Варшава во 10:35 часот за да пристигнат во Македонија во 12:40 часот. Патниците на летот од Скопје за Варшава ќе заминуваат во 13:20 часот. Секој вторник, четврток и сабота летот од Варшава е закажан да полета во 14:25 часот, а да слета во Скопје во 16:30 часот. Поаѓањето од Скопје е планирано да биде во 17:10 часот, додека пристигнувањето во Варшава е во 19:15 часот.

Летовите до Македонија ќе се опслужуваат со Ембраер 170 и 175. Во зависност од типот на воздухопловот, ќе има 70 – 82 седишта достапни во три класи: економска, премиум-економска и бизнис класа.

„Скопје во Македонија е комплетно нова дестинација во понудата на LOT. Земјата е секоја година сé попопуларна кај туристите, воодушевувајќи ги со својата историја, регионалната кујна и културната разновидност. Нашите патници штотуку добија можност да се запознаат со различните туристички вредности на таа неверојатна земја. Сигурен сум дека многумина ќе ја искористат оваа можност уште ова лето. Од друга страна, решивме да им овозможиме на патниците кои што патуваат од Македонија најповолни патувања до Европа, Скандинавија или нашите воздушни конекции во САД. Сигурен сум дека нашата нова понуда ќе ги исполни очекувањата и на оние што патуваат деловно и на оние што патуваат заради одмор и рекреација,“ изјави Адриан Кубицки, Директор на Корпоративни комуникации и Портпарол на LOT.

„Задоволство и привилегија ни е да ја најавиме Варшава како нова дестинација од Скопје, авиолинија што досега не сообраќала од главниот град на Македонија. Очекуваме оваа авионска линија, што ќе сообраќа 6 пати во неделата, во текот на летната сезона, да се покаже како многу успешна. Со ова полските туристи ќе имаат можност да ја посетат и да ја откријат Македонија, а во исто време и граѓаните на Македонија и на соседните земји ќе имаат можност да патуваат со директна линија до Варшава и да ја доживеат Полска. Оваа авиолинија, исто така, ќе послужи за двете земји да ги зајакнат бизнис-врските, да се овозможи подобра комуникација со Источна Европа, како и трансатлантски летови до многу дестинации во светот кои се понудени од Варшава“ изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.