Се уште нема униформи во Аеродром: Купив бели блузи и им ги прешив амблемите

Поминува третиот месец од почетокот на учебната година, а учениците и родителите од Општина Аеродром се уште мака мачат да обезбедат училишни униформи кои се воведоа пред неколку години и кои се задолжителни, а треба да ги набави општината. Некои училишта добија дел од униформите, но голем проблем е што тие се со помали броеви, па не им се точни на учениците, jaвува Слободен печат.

Можност за замена не постои, бидејќи нема каде да се заменат, а родителите кои успеале да исконтактираат со фирмата која ги шие, добиваат информација дека се уште не може да се сменат униформите ниту да се докупат, бидејќи уште се шијат.

- Што да правам, ланската униформа му е мала, а оваа новата исто така. Купив бели блузи и им ги прешив амблемите од старата униформа и така се снаоѓаме сега за сега, раскажала мајка на 6-одделенец.

Од општина Аеродром објаснуваат дека оваа година на јавната набавка е избрана нова фирма што понудила најниска цена. Во однос на можноста за замена од општината посочуваат дека на нивна територија ќе има два пункта од каде што родителите ќе можат да купат дополнителна униформа.