Сè уште има надеж за БРТ и решавање на сообраќајниот хаос низ Скопје

Сè уште има надеж за БРТ - Бас рапид транзит системот кој беше најавен како решение за сообраќајниот хаос во Скопје.

„Чекаме да видиме кои се плановите на градоначалничката која се обидува да го видоизмени. Таа вели дека проектот не е прекинат, туку сака некакви измени. Може Владата да го преземе, затоа што Владата е гарант на тој кредит“ изјави министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во неговото гостување на Сител ТВ.

Сепак, тој кажа дека државата има започнато процес на зголемување на децентрализација, па Владата не би требало да се меша, туку општините и Градот Скопје треба да преземат уште повеќе ингеренции.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека системот на јавниот превоз во Скопје е од 1980 година, а она што му треба на главниот град е решенија од 2040 или 2050 година за каков што го смета проектот за БРТ

БРТ системот не може да биде поштетен за Скопје од автобуси кои сообраќаат, а се 30 години стари, порача денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи зборувајќи за состојбите со јавниот превоз во главниот град.

„Мислам дека за жал состојбата во Град Скопје е од 1980 година, не наликува на еден град кој е престолнина на земја што аспирира да биде членка на ЕУ. Во Град Скопје ни требаат решенија од 2040 или 2050 година и сметам дека БРТ е едно такво решение, а деталите мислам дека треба да ги оставиме на техничките служби. Жалам што не се седнува и да се видат, да им остави на тие што се најразумни и најповикани да кажат кое е најразумното решение за превозот во Градот Скопје, а остануваме на ставот дека БРТ е решение кое треба да примени“, рече Битиќи.

Проектот за БРТ системот го започна претходната градска администрација на чело со Петре Шилегов. Проектот е вреден 70 милиони евра, а е поддржан од Европската банка за обнова и развој од каде беше добиен и кредит. Меѓутоа, по промената на локалната власт, спроведувањето на проектот остана статус кво, а новата градоначалничка Данела Арсовска и мнозинството во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ сметаа дека БРТ не е еколошки исплатлив проект.