Се урива терасата на „Бастион“ - вработените од улица го гледаат рушењето на кафе-барот (фото)

Со маици „Имаме план за живот во Центар“, вработените од улица го гледаат рушењето на кафе-барот „Бастион“, кој се наоѓа на Ленинова (Аминта Трети). Тие симболично со шампањ, во знак на револт, велат дека го слават доаѓањето на животот.

Градежната механизација на Oпштина Центар работи на отстранувањето на бетонската платформа.

Управителот на локалот, Дејан Гиевски, тврди дека се работи за нелегално рушење, за коешто до новинарите приложи и документација.

Согласно со документите, одобрението за поставување на урбаната опрема е издадено во април оваа година, а во пресметката за утврдување на комуналната такса за користење на просторот пред локалот, односно терасата, кафе-барот платил 144 000 денари кон Општина Центар и 144 000 кон Град Скопје.

Вчера беше поканет градоначалникот Саша Богдановиќ да дојде на утринска чајанка со сопствениците и медиумите, но тој не се појави.

 

На местото присутни се припадници на полицијата.

Општината вчера соопшти дека справувањето со диво поставената урбана опрема, односно терасите пред угостителските објекти, ќе продолжи и во наредниот период, со цел ослободување и нормализирање на сообраќајот на луѓе и на возила на целата територија на општината.

Од Oпштината велат дека по бројните жалби на жителите на општината и по донесувањето на решенијата, на засегнатите страни им бил оставен простор од повеќе од 6 месеци самите да постапат и да ги отстранат незаконски поставените објекти, но бидејќи не го сториле тоа, Oпштината пристапила кон административно извршување на донесените управни акти.