Се тестираат примероци од лилјаци од Камбоџа, во надеж дека ќе се открие потеклото на коронавирусот

Истражувачи од Институтот Пастер од Камбоџа тестираат примероци од лилјаци кои пред повеќе од 10 години биле собирани за друго истражување. Тие се надеваат дека можеби ќе добијат повеќе сознанија за денешниот коронавирус. 

Пред околу 10 години во Камбоџа имало епидемија на вирусно заболување слично на денешниот ковид-19, па претставниците од Институтот, кој се наоѓа во Пном Пен, одлучиле повторно да ги одмрзнат тие стари примероци за да пронајдат евентуална поврзаност. Таква поврзаност би помогнала да се разбере полесно денешната пандемија, но и ако е потребно, да се воведе поинаков пристап во протоколот за лечење и спроведување на вакцинација. 

Тие собираат примероци од денешните лилјаци, бидејќи се претпоставува дека пандемијата започна токму од лилјак. Целта на истражувањето е да се дознае еволуцијата на вирусите кај лилјаците и нивното пренесување кај луѓето. Голем број смртоносни зарази, меѓу кои и ебола и коронавирус, потекнуваат токму од овие животни. Исто така, тие би сакале да дознаат дали денешниот Сарс-ков-2 е еволуирана мутација на претходна варијанта или пак е нешто ново во природата.

Проектот е финансиран од Франција и има за цел да провери и дали уништувањето на природните живеалишта на животните придонесува тие да се поблиску до луѓето и со тоа да има трансмисија на болести.

Слично истражување се спроведува и на Филипините. 

Во меѓувреме, тимови на СЗО и други здравствени институции, постојано се враќаат и во Вухан, местото каде беше евидентиран првиот случај на зараза со коронавирусот. Со вкрстување на сознанијата на здравствените институции, се очекува конечно да се најде издржано објаснување и да се стави крај на пандемијата.