
На вчерашното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, преживеаните сведочеа за драматичните моменти на евакуација и хаосот што избувнал по активирањето на пиротехнички средства.
Сведокот Мартин Димитров раскажа дека огнот започнал околу 02:30 часот по полноќ.
„Ја фатив девојка ми и ја истуркав заедно со другарка ѝ. На масата остана една девојка, не сакаше да излезе, и јас и нејзиниот дечко ја фативме за раката. Се истуркавме до излезот, каде што се заглавивме малку, и ако подзадоцневме 8-12 секунди, немаше да излеземе. Надвор беше хаос и имаше многу луѓе. Додека бев на првата скала, се свртев назад и сѐ беше темно, почнаа да пукаат светилките“, рече Димитров.
Според сведокот, починатиот фотограф Александар Ѓорѓиев се обидувал да го изгасне пожарот, фрлајќи чаша со вода кон пламенот.
Димитров посочи дека не видел противпожарни апарати или хидранти, освен стрелките за излез над единствената врата.
Тој нагласи дека во спасувањето на присутните помагале и други лица, меѓу кои и обвинети во случајот.